Доктор Александар Петличковски е нов претседател на Комисијата за заразни болести, потврдија за МИА од Министерството за здравство.

Тој е директор на Институт за имунологија, каде се вршат тестирања, анализи и истражувања поврзани со реакцијата на анти-тела на оздравените, како и за соевите на коронавирусот.

Доктор Злате Мехмедовиќ е назначен за лице надлежно за односи со јавноста во име на комисијата.

Досегашен претседател на Комисијата за заразни болести беше доктор Жарко Караџовски.

Прв состанок во новиот состав

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство денеска одржа состанок во новиот состав. Комисијата е формирана и надградена, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Беким Сали.

Како што претходно за МИА информираа од Министерството за здравство проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија и хумана генетика е назначен за претседател на Комисијата, а д-р Злате Мехмедовиќ за нејзин портпарол.

Министерот Сали на прес-конференцијата соопшти дека во новиот состав на Комисијата се и: д-р Христина Ставридис од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), доц. д-р Шабан Мехмети од ИЈЗ, проф. д-р Калина Гривчева Старделова од Клиниката за гастроентерохепатологија, а воедно и координатор на Интерни клиники, проф. д-р Невзат Елези од Медицински факултет при Универзитетот во Тетово, д-р Дугаџин Османи од ИЈЗ, прим. д-р Жарко Караџовски од ИЈЗ, д-р Иринка Сотирова Бухова од ДЗСИ, проф. д-р Катерина Ставриќ од Клиниката за детски болести, д-р Милена Стевановиќ, д-р Звонко Миленковиќ, д-р Фадил Цана и Илир Демири од Клиниката за инфективни болести и фебрилни болести, д-р Марија Димзова научен соработник на Инфективната клиника, д-р Виктор Исјановски од Здравствен дом Скопје, д-р Лилјана Деспотовска Ристовска од ДЗСИ, проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, д-р Арбен Лабиништа од Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Марија Дуганова од ГОБ „8 Септември“, прим. д-р Сузана Маневска од Министерството за здравство, прим. д-р Јованка Костовска, специјалист епидемиолог, д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје – Скопје, д-р Драган Георгиевски, претставник на Здружението на лекари по општа медицина и семејна медицина, Грета Николовска, претставник на Агенцијата за храна и ветеринарство и Марија Милкова од Центарот за управување со кризи.

Сали им се заблагодари на сите членови кои учествувале во работата на Комисијата во изминатите две години и им посака добредојде на сите нови членови во проширениот состав.

– Отсега па натаму Комисијата ќе се состанува на редовни неделни состаноци секој вторник, а по потреба и почесто. Претседателот на Комисијата ќе ги одржува редовните состаноци, по потреба министерот за здравство ќе биде присутен на Комисијата и барам од сите новинари  да бидат во постојан контакт со д-р Злате Мехмедовиќ, додаде министерот Сали.

Петличковски рече дека денеска го имале првиот работен состанок кој траел два часа, на кој отвориле многу прашања и имало продуктивни дискусии.

– Како и на досегашната Комисија за заразни болести, цел и на оваа Комисија за заразни болести ќе биде артикулирање на научните податоци кои ги имаме и нивно применување во нашите околности. Значи нашата цел ќе биде да се држиме исклучиво до научните студии и овие заклучоци од студиите да пробаме да ги имплементираме во нашата средина. Ние нема да работиме на принцип во Англија се фрлија маските и ние веднаш ќе ги фрлиме и тука маските. Не е само Англија пример има и други примери. Во Македонија условите се поспецифични за да може толку еднострано да прифаќаме претпоставки од околината и од надвор, рече д-р Петличковски.

Посочи дека основната нивна определба е да ги следат научните сознанија и да ги направат прифатливи за нашите околности.

– Отворивме неколку прашања, почнувајќи со наставата за средни и основни училишта, скринингот на учениците во средните и основните училишта, епидемиолошката состојба во изминатиот период, опфатот со вакцинација и некои стратегии за подобрување на вакцинацијата. Разговаравме и за значењето на сертификатите и од сите овие дискусии наскоро ќе излезат препораки кои ќе бидат доставени до Министерството за здравство и понатаму до Кризниот штаб. Иако се надеваме дека кумулативно кратко ќе трае потребата од овие чести состаноци за тоа време додека трае се обврзуваме да ги следиме најновите сознанија и да ги пласираме. Како се осовременуваат препораките така ние ќе ги реализираме и кај нас, додаде д-р Петличковски.

Портпаролот на Комисијата, Мехмедовиќ рече дека смета оти надградувањето на Комисијата е во насока да се подобри квалитетот и комуникацијата која ја имаат со граѓаните пред се за да може да имаат сериозни образложенија кои ќе водат во насока на тоа да нема повеќе забуни во однос на препораките кои се носат на Комисијата за заразни болести.

– Во насока на тоа на покана на министерот за здравство прифатив да бидам лице кое ќе го сноси најтешкиот дел од оваа Комисија за заразни болести, а тоа е да комуницира со новинарите и да пренесеме пореална слика за тоа како се носат препораките и што значат тие за граѓаните, додаде д-р Мехмедовиќ.