Попладнето во понеделникот во општина Прилеп, Долнени и Кривогаштани беа зафатени од поројни дождови кои предизвикаа поплавување на повеќе населени места од општина Долнени и тоа: Лажани, Дебреште и Житоше.

Најкритично е во Лажани, каде поголем дел од селото е под вода. Водата има навлезено во куќите, информираат од Центарот за управување со кризи.

„За состојбата со поплавите запознаен е и Градоначалникот на општина Долнени, ДЗС Прилеп и ПС Ропотово. До овој момент ЕЛС немаат побарано помош“, велат од ЦУК.

Градоначалникот на општина Долнени Урим Ибески за МИА изјави дека повредени нема и оти причина за полавата е излевањето на Саждевска река.

-Причина е излевање на реката, која поради невремето, како и несовесната градба и отпад, поплави поголем број на куќи, рече градоначалникот.

Информира дека има евакуирани граѓани, и тие вечерта ќе ја поминат кај роднини и пријатели.

Во моментот на терен се наоѓат екипи на Центарот за управување со кризи, противпожарни возила, како и граѓани кои со трактори кои им помагаат на екипите.