Членовите на навивачката група Комити се собраа денеска пред западната трибина од Градскиот стадион во Скопје во чест на починатиот комита Никола Сазадовски – Саздо, кој беше брутално претепан на 29-ти јуни, а денеска беше погребан на гробиштата во скопското село Ракотинци.

По собирот пред трибината, запалија свеќи пред Собранието на Република Македонија и заедно се упатија со автомобили кон селото Ракотинци каде што се одржи погребот на Никола и каде за последен пат се збогуваа со нивниот другар.

Со бајракот на кој пишува „Боже чувај ми ја Македонија“ со македонски знамиња се упатија кон вечното почивалиште на младиот Никола. Тагата е голема, под апчиња сме, немаме зборови, рекоа неговите другари.

– Не е можно ова да се случува… Саздо беше другар и пол, имаше срце како планина, верувавме дека ќе успее да се спаси, велат другарите на момчето.

Празни погледи, солзи, голема тага и горчина кај најблиските и другарите навивачи. Со комитски, патриотски песни, запалени бакли и заклетви за правда го испратија својот другар во вечниот дом.

Денеска плаче Македонија за збогум на младиот комита кој ќе остане запаметен како храбар и вистински другар, дете на Македонија !