Утре и задутре во Брисел се одржува еден од клучните самити на НАТО во последните децении со изразени разлики меѓу сојузниците, особено со САД за трошоците за одбраната.  Македонија ќе се најде на дневниот ред, но како последна или како некогаш што популарно се викаше – под точка разно.

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на вчерашната прес-конференција призна дека постојат разлики меѓу сојузниците, веројатно тие се и за членството на Македонија, а Столтенберг заокружи: различни мислења се нормални за пријатели и сојузници.

Прашање е за длабока анлиза колку држи ваквата констатација кога е во прашање воена организација која понекогаш треба да носи одлука во часови, а не во денови или недели. Но…

Македонија. Прашањето, не е како што го најави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска дека „Република Македонија утре ќе добие покана“за членство. Првин, тоа денес не е категоирично кажано, и второ нема држава под името Република Македонија која ќе добие покана.

„На крај (на прес-конференцијата) се надевам дека по постигнатиот историски договор минатиот месец за името, ние ќе постигнеме согласност да го поканиме Скопје да почне разговори за членство. Кога договорот ќе биде завршен и спроведен, ќе бидеме во можност да ја поканиме поранешната Југословенска Република Македонија (со фус нота) да стане 30. членка на НАТО под новото име:Република Северна Македонија. Силен сигнал дека вратите на НАТО остануваат отворени“, рече Столтенберг.

Република Македонија нема да добие покана, ако добие, како што најави министерката Шекеринска, туку државата со ново име Република Северна Македонија

Пораката што ја упати Столтенберг пред Самитот е дека на него ќе треба да се потврдат евроатланстките вредности, за подготвеноста на Алијансата на новите предизвици, „зашто ние сме сојуз кој исполнува и нуди“. Како клучно прашање се поставува потребата од издвојување за одбраната 2 проценти од БДП, за што има голем напредок, но не сите членки се држат до таа обврска. Токму тоа е каменот во чевлите на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој лани критикуваше дека НАТО станал старомоден. Пораката е – давајте повеќе пари, купувајте повеќе американско модерно оружје.

Во фокусот остануваат Ирак и Авганистан, како и Тунис, а високо на агендата се креваат Грузија и Украина како блиски сојузници, нешто што веројатно ќе се прекрши и на масата за разговори во Хелсинки на која спроти Трамп ќе седи рускиот претседател Владимир Путин. Тој веројатно има одговор на таа НАТО блискост во руската сфера на интереси, како што е тоа со Грузија и Украина.

И после сите овие прашања, ете, Столтенберг не ја заборави Македонија.