Полицијата спроведува акција во Струга и околината на градот. Засега нема информации од надлежните за што станува збор.

Како што дознаваме извршени се претреси во неколку објекти, а како што неофицијално дознаваме приведени се неколку лица, а меѓу осомничените има и функционери.

Од Министерството за внатрешни работи најавија информации за текот на денот.

Според неофицијлани информации, полициската акција која почнала пред три дена и претставува еден од најтешките удари против криминалните банди во струшкиот регион. Наводно меѓу уапсените има и еден полициски службеник. Операцијата била насочена кон дилери на дрога и според првичните информации тие биле следени со истражни мерки и прислушувани. Во операцијата е фатено едно лице кое заради убиство требал да служи затворска казна.

Телевизијата Алсат М, повикувајќи се на свои полициски извори, објавува дека двајца познати како дилери на дрога кај локалните жители, според досега неофицијални информации имале поддршка и од директорот на затворот во Струга каде дилерите требале да одлежат затвор. Тие лица подолго време слободно продавале дрога. Како што дознава Алсат М од свои извори, директорот на затворот во Струга, Арменд Шаќири и еден полициски инспектор за кој се претпоставува дека е роднина на еден од дилерите, не само што го прекршиле законот и овластувањата со тоа што ги оставиле на слобода трговците со дрога, туку и ги информирале за движењата на полицијата.