По настанатиот хаос со повлекувањето на американските воени сили и преземањето на власта од талибанците, членките на Европската унија се подготвуваат за нов можен мигрантски бран кој може да ја зафати Европа.

По големиот бегалски наплив во 2015 година голем број европски држави подигнаа високи огради со бодликави жици за да го спречат нелегалниот проток на бегалците од Сирија.

Според истражувањето спроведено од германската новинска агенција ДПА, повеќе од половина држави членки на ЕУ досега имаат подигнато физичка бариера долж државните граници за да ја осигураат територијата на земјите.

Поради очекувањата да пристигнат повеќе Авганистанци од новата рута преку Белорусија, многу членки најавуваат дополнително зајакнување на постоечките бодликави огради и ѕидови. Кои држави од Европската унија имаат кренато ѕидови или бодликави огради?

Полска

Минатата недела Полска почна со изградба на ограда на долж границата со Белорусија долга 400 километри за да спречат нелегални прекугранични преминувања. Оградата ќе биде долга 190 километри, а 130 километри се веќе претходно заштитени со бодликава жица. 1500 војници веќе ја обезбедуваат границата, а се очекува да дојдат уште нови 500 војници.

Унгарија

Целата граница со Србија е обезбедена со многу остра бодликава жица од унгарската страна. Овој проект на Виктор Орбан со опремување на граничарите со дронови и термални камери ја чинеше државата 1.5 милијарди евра. Ѕидот беше изграден во септември 2015 година, а поевтина верзија со бодликава жица е подигнат на границата со Хрватска.

Австрија

Австрија е заградена со 4.4 километри ограда на границата со Словенија. Оградата која беше делумно отстранета за да можат да поминуваат туристите ја пресекла шенген зоната каде е дозволено патување без гранични проверки.

Словенија

Скоро половина од 500 километри долгата граница со Хрватска е покриена со бодликава ограда. Хрватска е член на ЕУ, но не е во шенген зоната и се наоѓа во балканската мигрантска рута кон средна Европа.

Грција

Грчката влада настојува да ги спречи мигрантите да ја преминат границата на ЕУ со Турција должг реката Марица. Поради тоа подигна ограда долга 27 километри во плитките делови од реката каде што веќе има 11 километарска бариера. Оградите се надгледувани со термални камери, дронови и набљудувачки цепелини. Бодликава жица има поставено и на тромеѓето со Бугарија и Турција за да се спречи шверцот со мигранти, а подигната е и ограда со Македонија долга 34 километри

Кипар

Владата на јужен Кипар подигна ограда која поминува низ поделениот главен град Никозија. Целта е да се спречи преминување мигранти во ЕУ од Турција преку турскиот дел на Кипар.

Бугарија

Бугарија изгради бодликава ограда на границата со Турција во 2017 година. Долга е 259 километри и има термални камери. Поради последните случувања во Авганистан, владата нареди поголемо присуство на војската и контрола на границата.

Литванија

Властите во Вилнус објавија дека градат ограда на границата со Белорусија долга 508 километри за да се спречат илегалните преминувања. Минск се повеќе дозволува мигранти од Белорусија да влезат во државите на ЕУ како одговор на економските санкции кон државата. Оградата се очекува да биде готова во 2022 година. Границата со калининградската област е веќе обезбедена со бариера која е подигната во 2017 година по напнатите ситуации со Русија.

Латвија

Рига го има истиот притисок од Белорусија. Принудена да ги заштити своите граници Латвија распореди бодликава жица долга 37 километри на југоисточниот дел од границата. Освен тоа, гради ограда и на границата со Русија која не е довршена.

Естонија

Талин гради 115 километарска ограда долж границата со Русија, а готова треба да биде до 2026 година, изјави министерот за внатрешни работи на Естонија Кристијан Јани.

Норвешка

Норвешка подигна ограда на границата со Русија поради тоа што во 2015 година голем број мигранти влегле на нивната територија со велосипеди.

Франција

Британската влада вложи милиони во изградбата на ѕидови и огради кај францускиот пристанишен град Кале за да ги спречи мигрантите да пребегаат во Британија. Лондон и Париз неодамна се договорија дека граничните контроли ќе бидат дополнително засилени.

Шпанија

Шпанската влада во деведесеттите години подигна ограда околу шпанските енклави во Африка, Сеута и Мелиља. Бариерите долги 8 и 12 километри се потполно обновени. Сега се долги десет метри, се состојат од две паралелни огради со мрежа од челични кабли и надзор од термални камери.