Владејачките националисти во Полска имаат најголема поддршка меѓу гласачите пред парламентарните избори во земјата закажани за 15 октомври, пренесуваат странските агенции.

Партијата „Право и правда“ (ПиС) и нејзините партнери од малите партии „Суверена Полска“ и „Републиканците„, колективно познати како Обединета десница, водат со 36,76 отсто во репрезентативното истражување на Институтот Полстер за „Супер експрес“.

Според оваа анкета, либералната „Граѓанска коалиција“ (ГК), предводена од партијата „Граѓанска платформа“ во која се вклучени и „Модерна“, „Полска иницијатива“ и „Зелените“, имаат 30,44 отсто од потенцијалните гласачи. Десничарската коалиција „Трет пат“ ги ужива гласовите на 9,81 отсто од анкетираните, додека „Нова левица“ и Конфедерацијата „Слобода и независност“ се соодветно на четвртата и петтата позиција по популарност со 9,72 отсто и 8,67 отсто.

Во анкетата на социолошката агенција „ИБРИС“ различни се носителите на позициите меѓу трето и петто место. Во оваа анкета води ПиС со 35,1 отсто, ГК со 26,1 отсто. На трето место е Конфедерацијата со 9,9 отсто, на четврто тука е „Трет пат“ со 9,2 отсто, а „Нова левица“ е петта со 9,1.

Независните партии имаат потреба од 5 отсто од гласовите за да влезат во Парламентот, додека за коалициите „Право и правда“, Граѓанската коалиција и „Трет пат“ мора да гласаат најмалку 8 отсто од избирачите.