Полскиот претседател Карол Навроцки денеска стави вето на два закона со кои се предвидуваше воведување „договори за заеднички живот“ за парови што живеат заедно.

Според локалните медиуми, ваквиот потег претставува удар за истополовите двојки во една од ретките земји членки на Европската Унија каде што правата на ЛГБТ-заедницата сè уште се ограничени.

Премиерот Доналд Туск, кој ја презеде функцијата во 2023 година, најави реформи во областа на правото на абортус и правата на ЛГБТ-заедницата, но поделбите во неговата широка проевропска коалиција, како и правото на претседателско вето, значително го отежнаа спроведувањето на овие политики.

Законите за „статус на најблиско лице“ и за „договор за заеднички живот“ ќе им овозможеа на две полнолетни лица да склучат договор со кој ќе се регулираат прашања како заедничка сопственост, пристап до медицински информации и права поврзани со погребни постапки.

Предлозите добија поддршка од целата владејачка коалиција, вклучително и од конзервативната Полска селска партија, која претходно одбиваше да поддржи слични иницијативи поради страв дека би можеле да ја поткопаат институцијата на бракот.

Навроцки, кој е сојузник на националистичката опозициска партија Право и правда, оцени дека предложените решенија одат предалеку.

– Овие предлози создаваат нов, формализиран институт во семејното право, со широк спектар права слични на оние што произлегуваат од бракот – се наведува во неговото соопштение.

Тој додаде дека, како чувар на Уставот, не може да прифати решение што би довело до губење на посебниот статус на бракот, кој според член 18 од полскиот Устав е дефиниран како заедница меѓу маж и жена под заштита на Република Полска.

Туск остро реагираше на одлуката, оценувајќи на социјалната мрежа Икс (X) дека „претседателското вето претставува израз на презир кон луѓето и нивното право на среќен и нормален живот“.

За надминување на ветото, Владата треба да обезбеди трипеттинско мнозинство од пратениците, под услов да гласа најмалку половина од вкупниот број пратеници. Со оглед на тоа што националистичките опозициски партии се против предложените закони, такво мнозинство е практично недостижно.

Министерката задолжена за политиките за еднаквост, Катажина Котула, изјави дека Навроцки „им го свртел грбот на два милиона луѓе кои живеат во неформални заедници“.

Таа потсети дека Полска, врз основа на пресуда на Судот на Европската Унија, веќе ги признава истополовите бракови склучени во странство и најави дека Владата ќе се фокусира на обезбедување што е можно повеќе права и бенефиции за овие двојки.

Од организацијата „Кампања против хомофобијата“ соопштија дека законите на кои претседателот стави вето претставувале само дел од првичната верзија на законското решение за граѓански партнерства.

– Денешното вето покажува дека дури и минималниот обем на права што ги предвидуваше законот е премногу за претседателот – се наведува во реакцијата на организацијата.