Драги браќа и сестри Македонци низ целиот свет, каде што не има, драги пријатели на Македонија, епилогот од настаните за судбоносниот ден 27 април на сите ни е добро познат. Многумина од нашите браќа следните 10 до 18 години ќе ги поминат одделени од своите семејства, без можност да обезбедат финансиски средства за опстанок на своите фамилии.

Ова се вели во обраќањето од Македонскиот светски конгрес-Канада (МСКК) до Македонците од целиот свет за поддршка на фамилиите на затворените уставобранители.

– Соочувајќи се со суровата судбина и факт дека фамилиите на нашите патриоти долго време нема да имаат финансиска поткрепа од своите најблиски, наша задача, цврсто веруваме дека и наша должност како Македонци, е да ги помогнеме финансиски нивните фамилии се до нивното обединување и слобода. МСКК и Македонската заедница во Канада од почетокот на немилите настани во 2017 година, па до ден денес, низ разни донаторски акции има собрано и испратено над 100.000 канадски долари директна помош на над 40 фамилии од нашите патриоти-усатвобранители, се вели во обраќањето од МСКК.

Не смееме, се додава, да дозволиме македонските патриоти и нивните семејства сами да ги пребродуваат овие тешки моменти.

– Нашата помош ќе им биде од големо значење како финансиски така и морално. По тој повод Македонскиот светски конгрес -Канада, заедно со Македонската зедница во Канада за брзо време планира да организира неколку донаторски евенти во Канада, воедно за кратко време ќе отвориме и Go fund me страница каде секој Македонец од целиот свет ќе може да донира и помогне на загрозените фамилии од нашите уставобранители. Во догледно време планираме да отвориме и Интернационален монетарен фонд за уставобранителите кој ќе биде отворен за донации до денот кога сите наши браќа ќе бидат на слобода. Како што работевме досега, така и овој пат 100% од собраните средства (минус провизијата од страната Go Fund me и трошоците за организирање донаторски евент) ќе бидат донирани директно и транспарентно до фамилиите на нашите уставобранители/патриоти, кои се во притвор или домашен притвор чекајки правосудна пресуда и уставобранителите кои веќе ја одслужуваат затворската казна. Слобода за нашите уставобранители, да живее Македонија, пишува во обраќањето Македонскиот светски конгрес –Канада.