Сер Клиф Ричард, легендата на Британската поп-музика, обелодени дека катастрофални последици по него оставила четиригодишната битка со Би-би-си која конечно вчера се завршила. Ричард призна дека тој „никогаш повеќе нема да им се приближува на деца“.

Поп ѕвездата рече дека тешката казна што ја плаќал секојдневно заради случајот значи дека тој никогаш нема целосно да закрепне од траумите и веќе не стапува во контакт со децата на други луѓе заради страв од последици.

Неговата исповед дојде откако судија во Врховниот суд пресуди дека Би-би-си ја прекршила неговата приватност кога објавила снимки во живо од полицискиот претрес во неговата куќа откако тој беше поврзан со наводно злоставување деца. Против 77-годишниот пејач не беа поднесени обвинувања, а вчера тој доби пресуда за отштета од 210.000 фунти. А, бидејќи случајот се влечеше четири години, сметката која ќе треба да ја плати британскиот јавен сервис може да достигне и до 5 милиони фунти.

Во изјава за ИТВ по објавената пресуда Клиф Ричард рече дека цел живот гушкал внуци на пријатели, а сега тоа веќе никогаш нема да го направи. Нема да го прави и тоа што била неговата традиција – да оди на централниот терен на Вимблдон преку тунелот кој го користат и децата кои носат топки. „Повеќе нема да одам таму. Повеќе нема да одам близу деца“, рече емотивно Ричард.

Се огласија и медиумски организации, кои ја осудија пресудата нарекувајќи ја опасна за слободата на медиумите.