Музичкиот фестивал „Вудсток 50″, којшто требаше да се одржи во август по повод 50-годишнината од легендарниот прв фестивал, е откажан поради непредвидени околности, соопштија организаторите. Настанот требаше да трае три дена, од 16 до 18 август.

– Жалам што низа непредвидени пречки го оневозможија одржувањето на фестивалот, рече Мајкл Ланг, еден од основачите на „Вудсток” 1969 година.

Првите проблеми се појавија кога организаторите не добија дозвола за користење две сцени во Њујорк, по што почна да секнува приливот на средства. Следеше и повлекување на некои од водечките ѕвезди кои беа најавени за овогодишниот спектакл, како што се раперот Џеј-зи и поп-ѕвездата Мајли Сајрус.

Билетите за фестивалот никогаш не беа пуштени во продажба.