Според првите полициски информации, за сите жртви се верува дека се од кинеско потекло, но родителите и роднините на 26-годишната виетнамка Фам Ти Тра Мој се сомневаат дека нивната ќерка е меѓу загинатите – имено, девојката на мајка и и пратила страшна порака на мобилниот во 4,28 часот во средата (тогаш е 22,28 часот во Велика Британија) во која се вели дека не е во состојба да дише и и се извинува, но не знае зошто, пренесува скопски Канал 5.

– Жал ми е, мамо. Моето патување во странство не успеа. Мамо, многу те сакам! Умирам затоа што не можам да дишам … “, напишала девојката.

Камионот, каде беа пронајдени телата, се верува дека во тоа време бил во транзит , а четири часа по приемот на пораката од едно семејство во Виетнам, пронајдени се мртвите тела.

Виетнамската амбасада во Лондон потврди дека контактирала со полицијата во врска со случајот со исчезната девојка, за која постои сомнение дека е една од 39 лица пронајдени во камионот – ладилник, се вели во прилогот на Канал 5.

БиБиСи подоцна објави дека семејството на Фам им платило 30 000 фунти на шверцерите за патувањето на девојчето во Велика Британија.

Мими Ву, експерт за трговија со млади Виетнамци во Европа, смета дека пораката е автентична. Таа исто така предупредува дека многу Виетнамци добиваат лажни кинески пасоши што ги користат за да влезат во Европа.

Братот на Фам на еден форум објави дека ја бара својата исчезната сестра: „Таа живееше во Нген во округот Кан Лок и ја напушти руралната провинција Ха Тинх во северен Виетнам на 3 октомври – отпатува во главниот град Ханои за да ги добие потребните документи за да се оди во Кина.

Потоа таа одлетала за Франција и понатаму во Велика Британија. Сепак, таа, наводно, била уапсена при пристигнувањето во Велика Британија, од каде била вратена во Франција “.

Најмалку шест други виетнамски семејства стравуваат дека нивните роднини се меѓу 39-те кои биле пронајдени мртви во камионот во Есекс.

Според „Гардијан“, три семејства, сите со исчезнати синови, биле известени дека нивните најблиски ќе пристигнат во Велика Британија на 23 октомври – им било речено да бидат подготвени да платат, но контакт едноставно исчезнал.

Инаку, провинцијата Ха Тин во Виетнам е главна точка за трговија со луѓе, а Виетнам е земја со трет најголем број на осомничени жртви на современото ропство во Велика Британија во 2018 година.