Кери Џонсон, сопругата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон, откри на Инстаграм дека двојката го очекува своето трето дете. Досега ја криеја оваа вест од јавноста, а Кери сега одлучи да објави дека третото бебе пристигнува веќе следниот месец.

„Бев прилично исцрпена во последните 8 месеци, но одвај чекаме да го запознаеме ова бебе. Вилф е возбуден бидејќи уште еднаш ќе стане постариот батко и постојано зборува за тоа. Мислам дека Роми нема поим што ја чека… Наскоро ќе дознае“, напишала 35-годишната Кери во објавата. Вилф има три години, а Роми една година.

Ова за Кери е трето дете, но за поранешниот британски премиер Борис Џонсон е осмо. Тој првпат се венча во 1987 година со Алегра Мостин-Овен која ја запознал уште како студент на Оксфорд. Нивниот брак беше поништен во 1993 година откако се утврди дека Џонсон е во врска со пријателка од детството, Марина Вилер.

Со Марина се венча во 1993 година, а се разведе во 2018 година. Имаат две заеднички ќерки, Лара Летис и Касија Пичиз, и два сина, Мајло Артур и Тиодор Аполо. Поранешниот премиер има и ќерка која ја добил со уметничката советничка Хелен Мекинтајр.