Поранешниот украински претседател Петро Порошенко им порача на колегите политичари во Украина и на лидерите ширум светот да останат обединети и да не прават компромиси кога имаат работа со рускиот претседател Владимир Путин.
-Путин ја разбира само силата и ќе оди онолку далеку колку што светот тоа ќе му го дозволи, рече 56-годишниот политичар во интервју за „Current Time“, медиумски проект на руски јазик што го води Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка.
Тој посочи дека не може да има преседан во Европа каде што една земја може насилно да ги менува границите кои беа воспоставени по Втората светска војна.
Коментарот на поранешниот претседател доаѓаат во момент кога војната во Украина се приближува до третиот месец, а сега се водат поголеми битки во источниот регион Донбас, објави Радио Слободна Европа.
Порошенко вели дека останува значајната разлика меѓу Киев и Москва за каков било договорен прекин на војната и дека Западот треба да продолжи со острите мерки што ги презеде против Кремљ, кој според него е единствениот јазик што Путин го разбира.
-Путин сака да ја отстрани Украина како земја од мапата на светот. Затоа, невозможно е да се зборува за ништо друго освен за прекин на огнот, повлекување на руските војници и решение за хуманитарната ситуација. Територијалниот интегритет и суверенитет на една земја не можат биде компромитиран, рече тој.
Украинскиот политичар вели и дека западните лидери не треба да ги поколебуваат заканите на Путин во неговите говори и изјави за перспективата за употреба на нуклеарно или хемиско оружје во Украина. Тој смета дека тоа е празна реторика и дека рускиот лидер се плаши од последиците од употребата на овој вид оружје.