„Ние како политичка партија генерално најмалку 2 пати, а некогаш и 3 пати месечно го мериме јавното мислење. Најмалку еднаш месечно телефонски го мериме тоа јавно мислење, нормално на стратифициран кредибилен пример користиме услуги на надворешни агенции. Најмалку еднаш месечно имаме и теренска анкета исто така стратифицирана за која исто така користиме надворешни услуги. Реално во декември месец кога би се споредил оној период од нова Влада можеби за нас е месец кога го имаме историски најсилниот пик како политичка партија“, истакна Премиерот на Република Македонија и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“ насловен Македонија повторно твоја.
Мицкоски потенцираше дека разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е повеќе од 3 пати.
„Последната теренска анкета која ја правеше за нас агенцијата ИПСОС, агенцијата со која имаме долгогодишен договор и оваа теренска анкета на агенцијата ИПСОС покажува навистина драматични разлики помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ се движи помеѓу 30-31%, СДСМ е помеѓу 8,5-9% отприлика таа е разликата и динамиката со која се формира разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ таа е повеќе од 3 пати, 30-31% наспроти 8,5-9% каде што се движи СДСМ и таа доверба од граѓаните тие нас не обврзува и таа треба да ја оправдаме“, заклучи Мицкоски.
Според Мицкоски, ова покажува дека и покрај девалвирањето на името на партијата, и покрај бројните омаловажувања ВМРО-ДПМНЕ е и ќе остане структура од македонскиот идентитет.
„Сите ја потценија моќта на ВМРО како организација колку и да сакаат да го девалвираат па често пати насловуваат како ДПМНЕ не како ВМРО-ДПМНЕ колку и да сакаат да не омаловажуваат колку и да сакаат да направат зло сепак ова е структура која што е дел од македонскиот идентитет“, рече Мицкоски.
Мицкоски објасни дека ВМРО-ДПМНЕ и историското ВМРО се дел од македонскиот идентитет и дека тој корен лесно не се корнее, не се уништува.
„Сакале да признаат или не ВМРО-ДПМНЕ и историското ВМРО се дел од македонскиот идентитет и туку така лесно тој корен не се корнее тој корен не се уништува тој корен има длабоки корења и јас ја имам таа чест да ја водам оваа организација и оваа структура“, вели Мицкоски.
Премиерот нагласи дека од аспект на неговите животни гледања неговите амбиции и желби се исполнети и реализирани и како единствена обврска која му преостанува е да го подобри животот на граѓаните во Република Македонија и потенцираше дека го вложува секој атом од својата енергија за успешно справување со дадените предизвици заедно со своите соработници.
„И често пати кога ме прашуваат што понатаму јас често пати велам ако гледаме од оптиката на личните професионални амбиции јас реално немам за што повеќе да живеам, ја предводам најголемата во историска смисла организација на Балканот, ја предводам Владата како предводник на најголемата во историска смисла организација на Балканот и сум редовен професор. Генерално сите оние моменти сите тие амбиции кои што сум ги имал како човек се реализирани сега единствениот мој мотив се да овие 100 илјади човечки животи и нивните судбини се обидеме преку алатките кои што ги имаме на располагање да ги направиме поубави и давам се од себе тоа да го правам“ објасни Мицкоски кој укажа „јас во овој момент го вложувам секој атом од својата енергија и знам дека тоа го прават моите соработници и знам која е нивната инспирација така што накратко поминавме многу тешки работи но победивме“, заклучи Мицкоски.