Во потрагата по исчезнатата Марија Брзакова од Босилово денеска се вклучија и стотина ловџии од ловечките друштва, пред се тоа од Босилово, но и од Ново Село и Струмица.

Тие, како што објави ТВ Сител, во координација со полицијата утрово тргнаа  во потрага  по 28 годишната Марија која исчезна на 18 – ти овој месец.  Ловџиите заедно со полицијата, но и граѓани доброволци денеска го пребаруваат теренот околу речните корита, каналите и браните  во регионот.

Од ловното друштво „Гоце Делчев“ од Босилово најавија дека нивните членови остануваат на терен се додека не се пронајде исчезнатата жена. Најавија,  доколку има потреба, а во координација со полицијата,  потрагата може да ја прошират  и во поширокиот регион.

Брзакова исчезнала во раните утрински часови на 18 – ти јануари. Од тогаш и се губи секаква трага. Според информациите од семејството облечена е во темни тренерки,  на нозете имала патики или влечки,а  со себе не носела ниту  чанта, мобилен телефон  или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса. И од полицијата и од семејството апелираат до сите граѓани кои ќе ја забележат или пак имаат било каква информација да пријават во најблиската полициска станица.