Со цел зголемена безбедност на вода во текот на летната туристичка сезона, Одделението за превенција при СВР Охрид ја отпочна кампањата „Безбедно на педалинки“.
Полициски службеници од Одделението за превенција, деновиве, преку интензивна комуникација со лицата кои на плажите на охридското крајбрежје издаваат пловни објекти- педалинки, за рекреативна намена, им укажуваат за неопходноста од зголемена внимателност и одговорност при издавање на педалинките на туристите и потребата од неопходна проверка на исправноста на педалинката при секое издавање, за задолжително поседување безбедносна опрема, а секој корисник да добие исправен спасувачки елек со соодветна големина, да се обезбедат спасувачки елеци и за деца, да има јаже или друга опрема за итни случаи.
Посебно им се укажува дека треба да го следат движењето на педалинките и доколку забележат опасност, навреме да реагираат и да ги информираат надлежните служби.
Лицата кои издаваат педалинки се должни корисниците да ги запознаат со безбедносните мерки при секое изнајмување на педалинка: задолжително носење спасувачки елеци, забрането скокање или туркање на педалинки, забрането управување под дејство на алкохол и психотропни супстанции, како и почитување на означените зони за пловидба.




