Швајцарското Министерство за здравство денеска потврди прв случај на новиот коронавирус во таа земја. Не се соопштени информации за пациентот, ниту за начинот на кој е заразен, но швајцарските медиуми јавуваат дека се работи за личност во областа Тичино, во близина на границата со Италија.

Шпанските здравствени власти денеска потврдија прв случај на Ковид-19 во Каталонија, што е прв случај евидентиран на копно во таа земја. Околу илјада туристи во хотел на шпанскиот остров Тенерифе, на Канарските Острови, денеска се ставени во карантин откако италијански лекар, кој бил таму на одмор, бил позитивен на коронавирус.

Првите два случаи на Ковид-19 потврдени се и во Австрија, од кои едната личност имала „врски со соседна Италија“.

Првиот случај е потврден и во Романија кај едно лице кое пред три недели се вратило од Италија, објави денеска локалната телевизија Реалитатеа плус, јави БГНЕС.

Телевизијата, повикувајќи се на медицински извори, објави дека заразеното лице се наоѓа во карантин во болницата за инфективни болести „Матеј Балс“ во Букурешт.

Раководството на болницата засега не ја коментирало информацијата.

Од коронавирус досега починале повеќе од 2.600 луѓе, главно во Кина, од каде вирусот се прошири во 29 држави. Бројот на потврдени зарзени лица надмина 80.000.

Најтешка ситуација на европска територија е во Италија, каде досега починаа десет лица, а повеќе од 320 се зарзени.

Во Италија живеат и работат околу 1,3 милиони Романци.