Тетовско-гостиварската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија соопшти дека непознати лица направиле упад на манастирскиот имот „Св. Атанасиј“ на Тетовското кале, при што во црквата биле искршени сите прозорци, со што е направена сериозна материјална штета.

– Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

Овој упад следува откако пред нешто повеќе од една недела непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на УЧК на бандера на влезот на Калето.

На крајот на ноември лани во Тетовско, на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија.

Настанот беше снимен од камерата за видеонадзор на манастирскиот комплекс, а уште истата вчера на 29 ноември, полициски екипи го уапсија 31-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица откако беше идентификуван дека учествувал во настанот.