Заканата од проширување на пожарот кој утрово се појави на територијата на Националниот парк кон селото Врбен е значително намалена. За да нема штети кон имотите на жителите, таму вечерва ќе дежураат групи од месното население. Ширењето на огнот е спречено со делување од воздух.
Самир Ајдини, директорот на НП „Маврово“ за МИА информираше дека моментната состојба со пожарот над селото Врбен е под контрола, но ќе се следи будно и преку ноќта. Опасноста по населението и имотите на жителите засега е намалена.
– Од пријавата за оган во атарот на селото Врбен, наша екипа со над триесет вработени беше испратена на терен со противпожарна опрема. Тие делуваа до околу 20:30 часот. Засега состојбата со огнот е под контрола и во договор со жителите на селото ќе има група која ќе дежура, до наутро, кога повотрно планираме да испратиме екипа од вработени во паркот, изјави за МИА, директорот Ајдини.
Тој потврди дека огнот се појавил на места каде што има грмушести растенија и смреки, но со разгорувањето зафатил дел од шумата со ела и не можеше да ја потврди причинетата штета со оглед дека станува збор за непристапен терен
Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК, потврди дека овој пожар се појавил утрово околу 10:30 часот. Во текот на денот покрај месното население, вработени во националниот парк, во гаснењето се делувало и од воздух со авиони и хеликоптер.
Тој во изјавата појасни дека пожарот над селото Врбен во Општина Маврово и Ростуше бил од поголем размер и почнал да се приближува кон селото.
– Последната линија огнот дојде до 500 метри над првите куќи од селото, но олеснителна е состојбата што помеѓу пожарот и селото има асфалтиран пат, рече Ангелов.
Ангелов информираше на ова подрачје во текот на денот дејствувале со пет ер-трактори со коишто успеале да го изгаснат едниот крак, а воедно, како што рече, дејствувал и еден голем полициски хеликоптер МИ-171, со големо ведро од два и пол тони. Според него, овие интервенции ја намалиле и линијата на пожарот.
Фото: ЦУК