Властите во австралиската држава Викторија наредија евакуација на повеќе од две илјади луѓе од градовите во западниот дел на регионот поради шумски пожар кој не е под контрола.

Државната служба за итни случаи ги повика жителите на градовите Раглан и Бофор, со вкупно население од околу две илјади луѓе, како и луѓето од околните области, да заминат додека е сe уште безбедно и да се упатат на исток кон Баларат, оддалечен 95 километри од Мелбурн.

Околу 50 квадратни километри земја северозападно од Баларат, најголемиот град во областа, е зафатена од пламен.

„Очекуваме пожарот брзо да се прошири во следните час или два, така што луѓето што живеат во областа треба да го применат својот план за преживување од шумски пожари сега“, изјави директорот на Противпожарната служба на Викторија Џејсон Хеферман за Државната телевизија ABC.

Бирото за метеорологија денеска издаде предупредување за екстремна опасност од пожар во повеќе области поради топлото време, сув ветер и потенцијални грмежи.

Температурата во северозападниот дел на Викторија во попладневните часови надмина 40 степени Целзиусови.

Фото: МИА архива