Во велешко гори дабовата шумата околу неколку села во реонот на Азот, богат со шуми и природни убавини, во реонот на селата Богомила, Габровник и Мокрени, а локализиран, но не и целосно изгаснат е пожарот кај селата Црешнево и Капиново, а каде гореше  изминатиот викенд, а  пожарот е локализиран, но не и целосно изгаснат. Поради тоа деноноќно на терен се екипите на ШС „Бабуна“ од Велес и пожарникарите од ТППЕ од Велес, што се борат со огнената стихија.

Со пожарите е зафатен и врвот Биса, а пожарот денеска се распламти и во близина на село Ореше во месноста Орешка Чука.

Во петокот вечерта пожарот кај Црешнево стаса до првите куќи во селото, но беа спасени со интервенција на велешките пожарникари и вработени во ШС „Бабуна“, но потоа  пожарот се прошири кон селото  Капиново каде што гореше цел викенд.

Љубинка Попова директор на Подружницата Шумско стопанство „Бабуна“  од Велес за МИА  појаснува дека нивните вработени и покрај деноноќните интервенции на терен, за жал не можат да се справат со големиот број пожари на овој терен.

-Чудно и загрижувачки е како нови пожари постојано избувнуваат,  а  состојбата во реонот на  цел Азот кај е најбогат со шуми  е многу  алармантна и застрашувачка. Пожарите од овој реон  се се’ до границата со Македонски Брод и Прилеп. Затоа   се сомневам дека овие пожари не се случајни, туку во прашање е човечки фактор, а на зафаќање на вака големи површини со шума, за жал  во прилог на пожарите е и сушната година,  што уште повеќе ги распламтува, потенцира Попова.

Таа апелира до граѓаните за совест и да се воздржат од фрлање догорчиња од цигари во шума, и области со сува трева, а до земјоделците да не ги палат стрништата.

Воедно повикува и  навреме да известат за појава на пожар до надлежните во Пожарната во Велес и  до Шумското стопанство „Бабуна“, а  со цел за пожарот што поскоро да се изгасне и да не се прошири и зафати големи површини под шума.

Попова потенцира дека поради големиот број шумски пожари во Велешко оневозможено е нормалното работење на Подружницата на ЈП Македонски шуми ШС „Бабуна“ од Велес.