Пратениците во полскиот Сејм изгласаа намалување на своите плати за 20 проценти. Оваа мерка е обид да се смири скандалот предизвикан од „дарежливите“ бонуси кои конзервативната влада си ги поделила.

Нацрт-законот, кој влијае како на 460-те членови на Долниот дом (Сејм), така и на сенаторите, беше одобрен од 240 пратеници од конзервативното мнозинство. Двајца гласаа против и петмина се воздржаа, а пратениците од опозицијата го бојкотираа гласањето и извикуваа „крадци“.

Во обид да ја врати дел од загубената поддршка на партијата, лидерот на владејачката партија „Право и правда“, Јарослав Качински минатиот месец ги повика министрите да ги дадат во добротворни цели истите износи кои ги добиле во форма на бонуси.

Активностите во парламентот ќе ја намалат сегашната плата на пратениците од 10.000 злоти, што е околу 2.800 долари месечно, откако поранешниот премиер Беата Шидло одлучи да си додели себе си и на својот кабинет бонуси во износ од над 10 просечни месечни плати, наведува „Ројтерс“.

Претходно оваа година медиумите открија дека министрите добиле премии во висина од 15 до 19 илјади евра – големи суми за земја каде што просечната месечна плата е околу 1.000 евра.