Вечерва нема да има полициски час.

Според одлуката на Комисијата за заразни болести, а усвоено на владина седница, полицискиот час нема да важи за време на празниците Велигден и Бајрам.

Утринава повеќе онлајн медиуми објавија дека денеска и утре нема да важи забраната за движење после 21 часот. Меѓутоа, полицискиот час е укинат само за денеска, додека утре повторно се враќа на сила и ќе почне од 21 часот.

Според одлука на Владата, од 28 април полицискиот час важи од 21 до 5 часот, а исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај за време на Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за Рамазан бајрам. Новите мерки важат до 15 мај.

Забраната за движење останува на сила во останатите денови, и според последната одлука ќе почнува еден час подоцна, односно во 21.

Според Министерството за здравство, бранот полека стивнува, се помал е бројот на заболени, а попушта и притисокот за прием во болниците.

Оваа мерка за укинување на полицискиот час, нема да важи за угостителските објекти кои ќе работат до 20 часот.