(раскажува Христо Поп Антов)
Во февруари 1898 година дојде наредба, дојде писмо од архијерејското намесништво во Струмица дека за нов назначен бугарски владика е Неговото величество г.г. Герасим.
Во 1900 година дедо Герасим првпат дојде во Кавадарци. Уште на станицата Криволак беше пречекан од специјален одбор, составен од општински советници и неколку свештеници, а ние, учителите заедно со построените ученици и граѓанството го пречекавне кај Думовица – чешма, на патот помеѓу Глишиќ и Кавадарци. Оттаму со целата толпа предводена од владиката, тргнавме пеш кон црквата во Кавадарци. Таму владиката отслужи молебен за здравјето на Неговото величество, султанот Абдул Хамид Хан и Неговото блаженство, егзархот Јосиф први и одржа говор со духовни пораки до граѓаните.
Отседна во домот на Мише Велков во Кавадарци. Ама уште утредента, не заборави нас свештениците и се здружи со кавадаречките првенци. На ручек и вечера ги канеше цивилните лица од граѓаните, свештениците ги оставаше да стојат и често бараше, кога ќе дојдеше до него свештеник, да му прави метании и да му бакнува рака, како што правеле грчките владици.
Татко ми често велеше: „И ова излезе празна работа. Ние чекавме поткрепа од него, а тој почна да ја фали тиквешката ракија“. Од владиката во Тиквешко остана споменот: дека кога се пие ракија, тоа се прави со голема чаша, а не како што прават Тиквешани со мали чашки. И од него остана ракијата Грапа, т.е, варена ракија без анасон, каква што сакал владиката.
Владиката г.г. Герасим на ручек кај попот Поп Андов
Кога дојде во Ваташа, целото село го пречека уште кај „Желков Дол“, на патот помеѓу Кавадарци и Ваташа. Ноќта ја помина во куќата на кметот. Пречекот беше со литија – духовна процесија. Свештениците беа облечени во црковни одежди, пцалтиците со разни пеења и хорови од црквата. Беше октомври. Учителите беа во строј со учениците. Главниот учител во Ваташа, Крсто Димчев, родум од Битола одржа поздравен говор. Оттаму сите заедно отидоа во црквата, каде што владиката отслужи молебен за Неговото величество султанот и егзархот.
Изутрината заедно со сите свештеници, меѓу нив и татко ми, владиката отслужи литургија. Црквата, и машкото и женското одделение, беа преполни со народ, дури и припратата беше затрупана со луѓе. Литургијата траеше долго: по евенгелието, читано од владиката, тој одржа говор и спомна бележити имиња на ваташките покојници, при што не го заборави првиот ктитор на црквата Аџи Коле, првиот основач на црквата поп Камче. Го спомна даскал Камче и славата на Ваташа, која ја криела првата печатница на Балканскиот Полуостров. Лично тој им ја раздаде нафората на верниците. На таков начин службата траеше доста долго. Направи неколку посети и за ручек беше поканет кај нас.
Тој дојде заедно со архијерејскиот намесник во Кавадарци и двајца ваташани- свештеници. Во разговорот стана збор и за брат ми Тодор дека бил учител во Солунската гимназија, при што архимандритот му велеше на татко ми дека Тодор бил многу трудољубиво и разбрано момче.
Мајка ми и снаа ми Султана уште од саботата почнаа да се подготвуваат за неделниот ручек. Дома бевме само јас и најстариот брат Михаиле. Знаејќи од кавадаречкиот пречек дека ја сака „грапата“ ние купивме таква ракија од Васил Божанкин, од Кавадарци. Ручекот беше како за мил гостин. Чорба од кокошка, кокошка со ориз, а пред тоа по чорбата пржени ќофтиња полеани со масло, бел леб – специјално подготвена погача, јанија со месо и на крајот – пита. За време на јадењето имавме и пресно вино кое прскаше во очите и режеше на јазикот – домашно производство. Софрата беше наредена во чикма одаја, масата беше послана со бела покривка и имаше наредено столови за гостите.
На софрата на чело беше владиката, од десната страна архиерејскиот намесник, а од левата со мака го натеравме да седне татко ми. До него главниот учител Крсто Димчев и другите гости, а на крајот седев јас. Жените не седнаа. Послужуваше снаа ми Султана.
Од црквата откако најпрвин направил визита кај Ризо Дубров, Мишо Ризов, поп Манчо, Јованче Костов, поп Коцо се врати кај Христо Илиев каде што беше на стан, потоа кај поп Васил од нашето маало и потоа дојде кај нас. Кога излезе од кај поп Васил, ја пресече улицата и влезе во нашата надворешна порта. Сите од нашиот двор, мажи и жени, како домаќини беа собрани во дворот, а комшиите се беа насобрале на чардакот на Глигор Грошот, кој гледа во нашиот двор и нашиот чардак.
Растојанието не е многу големо. Уште кога влезе низ портата почна бакнувањето рака. Додека едниот бакнува другиот по него се турка за целивање. Тоа траеше доста долго. Мажите и жените беа облечени велигденски. Тие и без тоа беа во црква со истата облека и бидејќи знаеја дека ќе руча кај нас, иако доцна останаа празнично променети.
Мајка ми беше облечена во убава црна облека со црна забратка. Султана исто беше облечена во најубавото што го има, со убаво шкепе и „ои“ – вез на шкепето. Пред ручекот Султана им полеа на владиката и другите гости да си ги измијат рацете, а Ташо Димков им ја подаваше крпата за да ги избришат рацете. Гостинот се послужи со ракија без мезе. Некои од гостите се воздржаа да пијат од почит кон владиката.
Уште од вечерта ни беа на гости тетин Атанас и тетин Ефрем со тетките од Глишиќ бидејќи знаеја дека владиката ќе држи служба во Ваташа. Ги поканивме да седнат и тие на трпезата со владиката. И тие го пречекаа владиката уште во дворот и покрај другите гости се качија во чикма одајата.
По ракијата почна ручекот. Миајле го раздаде лебот, се разбира почнувајќи од владиката. Пред да сркне од чорбата, владиката ја кажа молитвата за ручек, која секој ден ја слушав од татко ми (ја пееше два пати во денот). На крајот имаше кафе, чисто, а не мешано со јачмен. Пред стемнување го испративме до кај Ѓелков Дол, бевме собрани група луѓе и свештеници. Тој отиде за Кавадарци, а ние се вративме дома.
Од книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања, Кавадарци 1900-1945)“ од Зорка Тодорова Младеновиќ, Кавадарци 2010 г. (Подготви Марко Китевски)