На Меѓународниот аеродром Скопје вечерва ќе пристигне првата група граѓани од Авганистан.

Според информациите од Владата вечерва се очекува да пристигнат 149 граѓани на Авганистан, вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација Отворено владино партнерство (Open Government Partnership – OGP) каде што  Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на Transparency International, Wold Economic Forum и други меѓународни организации.

Точното време на пристигнување не прецизирано, но се очекува тоа да биде вечерва.

-Станува збор за граѓани кои беа животно загрозени од талибанските структури и на кои им помагаме да си го спасат животот. Тоа се граѓани кои 20 години работеа за демократските институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан, велат од Владата.

На скопскиот аеродром ќе бидат прифатени од МНР, МВР, Црвениот Крст, Министерството за здравство и меѓународните организации, а ќе бидат сместени во хотели и мотели, како што беше претходно најавено.