За 60 проценти ќе поскапи парното греење, ако не се постави новиот топловод на мостот Беласица.
Ова за ТВ Телма го соопштија од Регулаторната комисија.
На две недели пред официјалниот старт на новата грејна сезона, Градот Скопје и ЕСМ сѐ уште ја договараат монтажата на новите цевки, кои се набавени одамна и стојат на локацијата. Од ЕСМ и денеска со истиот одговор како и претходно. Подготвени, се и чекаат дозвола од градските власти за да ја завршат работата. Од Град Скопје пак не добивме одговор, кога ќе дадат зелено светло за да може да се изврши монтажата, објави ТВ Телма.
Мостот Беласица, беше опожарен пред повеќе од четири месеци, но од тогаш до сега не се најде време да се заврши постапката. Проценките на премеирот Димитар Ковачевски пак се дека во овие две недели има време тоа да се направи.
– Сметам дека има време тоа да се направи и кога ќе се направи ќе се олесни работата на РКЕ да определи цена на топлинската енергија и ќе биде по цена прифатлива за скопјани. Колегите во ЕСМ работат на оваа проблематика, рече Ковачевски Ковачевски.
Регулаторната комисија за енергетика неколку пати предупреди дека мора што поскоро да се постави новиот топловод и дека додека не се случи тоа нема да се носи нова одлука за цената на парното. Од таму предупредија дека ако надлежните не ја завршат работата граѓаните ќе се соочат со ценовно цунами, затоа што нема да може да ја добиваат топлинската енергија од ТЕ-ТО, која е многу поевтина од онаа која би ја испорачале другите топлани во градот.