Во Театарот за деца и младинци – Скопје, вечер во 19 часот ќе биде изведена премиерата на претставата „Супербајкастично“, авторски текст на Горјан Милошевски, а во режија на Игор Ивковиќ.

Како што информираат од Театарот, станува збор за еколошка бајка за деца, но и возрасни, чија цел е да ги разбуди емпатиите кај публиката за поголема грижа кон планета Земја, нашиот единствен дом.

– Создадовме еко бајка, која има задача преку досетки, хумор, забава и јасно изградени карактери, да испрати силна порака дека е важна грижата кон животната средина. Со овој проект на младите сакаме да им покажеме дека е „ин“ да си: научник, несебичен, искрен и одговорен пред другите и животната средина, вели Игор Ивковиќ, режисер на претставата.

Авторот на драмата, Горјан Милошевски, додава дека „Супербајкастично“ не е обична претстава за деца. туку е една голема авантура во која преку чудните, духовити, но предупредувачки ликови публиката ќе биде дел од еколошко театарско шоу.

– Во драмата и претставата, двајцата херои, децата Мила и Давид на свои 10 години ја започнуваат најголемата битка за нашата планета. За таа цел Давид создава супер, еколошки велосипед водејќи се по изуми и нацрти на неговите претци – климатолози. Тој велосипед отвора порта кон поинаква, бајковидна димензија каде нашите херои се борат против Небрила Токсичнаја, мајката на целото загадување, кралица на загадениот воздух. За да ја победат тие треба да поминат многу необични, големи и чудни пречки, појаснува Горјан Милошевски, автор на драмата.

Главните улоги на научникот Давид и неговата другарка Мила ги толкуваат Мики Анчевски и Емра Куртишова. Според нив, Театарот за деца и младинци, со овој проект уште еднаш покажува дека покрај тоа што ја забавува детската публика, успешно и ја едуцира.

– Грижата за животната средина се стекнува од „мали нозе”. Дури и едно дете да излезе по претставата со крената свест е голем успех. Грижата за животната средина, науката, другарството, љубовта, влијанието на „инфлуенсерството, мобилната тегнологија, трендсетерството”, се само дел од нештата вметнати во оваа навидум „лесна” и „едноставна” претстава, вели Анчевски.

За Куртишова, претставата носи силна порака за глобалното загадувањето, но зборува и за сплотување на две дечиња кои се дијаметрално различни, при што на крајот, вели, победува љубовта и разбирањето.

Директорктата на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска Силјановска, која во оваа претстава се појавува во повеќе улоги, смета дека нема ништо поголемо и поважно од зачувување на околината, животната средина ,а со тоа и здравјето на сите нас.

– Како поинаку ќе ги стекнеме тие навики, освен со секојдневно повторување на работите како рециклирање, селектирање отпад, што помалку користење на пластика и така натаму. Во оваа наша најнова претстава преку многу игра и хумор се обидуваме да го доближиме тој современ начин на живеење кој треба да ни е секојдневие. Особено сум среќна што сум дел од претставата Супербајкастично, зашто се говори за нашето еко освестување“, вели Илиевска Силјановска.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите ги дизајнираше Елена Вангеловска, автор на музиката е Оливер Јосифовски, маскотите се дело на Маре Трајковска, а корегорафијата на Дафина Даниловска – Кочевска.

Репризите на претставата се закажани за утре (13 јуни) од 12:30 часот и на 17 јуни од 19 часот.