Првиот пијано маратон на македонската музичка сцена насловен „8 Часа љубов“ во продукција на Пијано Центре ќе се одржи денеска со учество на 13 пијанисти.

Вратите од салонот на Пијано Центре во склоп на Национална Опера и Балет ќе бидат отворени за сите вљубеници во пијанизмот.

Како што најавуваат организаторите, настанот ќе започне во 11 часот со експозе, промоција и презентација на новите пијана во Пијано Центре, а се до 19 часот публиката ќе има можност да слушне десет концерти (полу рецитали) на 13 пијанисти.

-Првпат, промотивно на нови концертни пијана, во различни термини маратонски ќе настапат врвните пијанистички имиња: Марија Ѓошевска, динамичното трио „ТРИПТИХ“ – Марија Вршкова; Елана Атанасовска – Ивановска и Сара Пројковска; Дино Имери; пијанистичкото дуо: Емилија Маринова  и Верица Шотарова; и Андреј Наунов, како и младите виртуози: Милан Дучевски, Гоце Златев, Инес Неделковска, Горјан Стојановски и Виктор Рафајловски, најавуваат од Пијано Центре.

Влезот е слободен, но ограничен според протоколите на здравствената организација.