Премиерката на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн призна дека телото на новозеландскиот војник, кој загина бранејќи ја Украина, можеби никогаш нема да биде вратено дома.

Дваесет и осумгодишниот Доминик Абелен бил на неплателно отсуство кога отпатувал за Украина со цел да се придружи во одбрана на земјата. За овој чекор не известил никого, па ни своето семејство.

– Прашање е дали воопшто ќе можеме да дојдеме на тоа подрачје од Украина. Тоа е воена зона. Немаме луѓе на терен. Немаме конзуларна поддршка на терен. Многу ни е тешко да направиме нешто во овој момент. Меѓутоа, тоа не значи оти не бараме што повеќе информации, додаде Ардерн.

Таа одби да одговори на прашања за смртта на војникот, вклучувајќи на кое место загинал, каде е неговото тело и дали е кај Русите.

Министерката за надворешни работи, Нанаиа Махута нагласи дека Нов Зеланд го третира случајот Абелен како за граѓанин, а не како за војник, пишува Гардијан.

Како што сугерираат извештаи на локални медиуми, Абелен најверојатно загинал додека се обидувал да ги врати рововите во источниот регион Донбас.