Денеска е 4 март (според стар стил) и се слави Преподобен Герасим Јордански.

Овој познат светител најпрво се учеше на подвижнички живот во Тиваида египетска, а потоа премина во Јордан и таму основа обител во која имаше околу седумдесет монаси и која до ден денес постои.

За својот манастир постави посебен типик, според кој пет дена монасите поминуваа по келиите плетејќи кошници и рогозини; внатре не ложеа оган, а јадеа само по малку сув леб и урми. Кога излегуваа од своите келии ги оставаа отворени за да може секој кој би влегол внатре да си земе што ќе сака.

Во сабота и во недела се собираа во манастирската црква, имаа заедничка трпеза, со вариво и со малку вино во слава Божја. Тогаш секој монах ќе го донесеше и ќе го положеше пред нозете на игуменот она што го изработил во изминатите пет дена. Монасите имаа само по една облека. Свети Герасим им беше пример на сите.

За време на Чесниот Пост не јадеше ништо, освен што се причестуваше. Еднаш виде лав како рика од болка, бидејќи имаше трн во ногата. Герасим пријде, се прекрсти и му го извади на ѕверот трнот од ногата. Лавот толку се скроти, што појде по старецот во манастирот и остана таму до неговата смрт, а кога умре старецот и лавот загина од болка по него.

Свети Герасим учествуваше на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, во времето на Маркијан и Пулхерија, па иако и тој најпрво клонеше кон монофизитската ерес на Евтихиј и Диоскор, на Соборот се покажа како голем поборник за Православието. Од таа ерес го одврати свети Ефтимиј. Од учениците на свети Герасим најславен беше свети Киријак Отшелник.

Свети Герасим се упокои и премина во радоста на својот Господ во 457 година.