Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на средба со Владимир Путин „за да се стави крај на војната“.

„Мислам дека тој што ја започна оваа војна ќе може да ја заврши“, рече Зеленски на прес-конференција во метро станицата во центарот на Киев, повторувајќи дека „не се плаши“ да се сретне со Путин доколку тоа доведе до мировен договор меѓу Русија и Украина.

„Немам право да се плашам затоа што нашиот народ покажа дека не се плаши од ништо. Луѓето со голи раце ги запреа тенковите“, рече Зеленски.

Сепак, Зеленски беше јасен во своето убедување дека сите преговори ќе бидат прекинати доколку руските војници ги убијат или на друг начин им наштетат на опколените украински војници во Мариупол.

Украинскиот претседател рече дека утре во Киев ќе се сретне со американскиот државен секретар Антони Блинкен и со секретарот за одбрана Лојд Остин.

Белата куќа одби да коментира за можната посета на Блинкен и Остин во Киев.

Зеленски пред насобраните домашни и странски новинари изјави дека зборовите „Русија“ и „доверба“ се антоними и дека „нивните зборови не се совпаѓаат со нивните постапки“.

Запрашан за планот на Русија да го окупира источниот регион Донбас, украинскиот претседател рече дека Украинците „ќе ги вратат сите окупирани територии“.