Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“ С600 за кој Специјалното јавно обвинителство покрена обвинение познато како „Тенк“. Пресудата денеска напладне во Кривичниот суд ја изрече претседателката на судечкиот совет Добрила Кацарска.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваше Јанкулоска, само нејзините адвокати и претставници на СЈО.

Судење за Јанкулоска, кое пред неколку месеци беше издвоено поради нејзината бременост, започна кон крајот на август годинава откако таа се породи.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра.

Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири ипол години затвор.

Судечкиот совет го прифати предлогот на СЈО и определи на Јанкулоска мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето и престојувалиштето до извршување на казната од шест години затвор. Обвинителката Фатиме Фетаи по објавувањето на пресудата рече дека до правосилноста на пресудата постои можност за бегство на осудената Јанкулоска, но имајќи ги предвид нејзините семејни околности, предложи да и се определи мерка забрана за напуштање на живеалиштето до извршување на казната.

Сања Алексиќ, адвокатка на Јанкулоска, оцени дека предлогот на СЈО е неоснован и побара судот да не го прифаќа.

Инаку „тенкот“ за кој досега на три лица се досудени 12,5 години затвор се користи за потребите на Владата и за странски гости. Освен премиерот Зоран Заев, во блиндираниот „мерцедес“ се возат и високи странски гости, како што беа неодамна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, британската премиерка Тереза Меј и дтуги.

Пред доаѓањето на власт на СДСМ, во предизборните кампањи, како и пред тоа, беше објавено дека блиндираниот „мерцедес“ ќе се продава и со тие пари ќе се набавуваат амбулантни возила. „Тенкот“ за кој досега има три пресуди, беше нехумано злоупотребуван и во политичката кампања за малата и несреќна Тамара, па често пати износот за набавката на блиндираното возило, со лажна хуманост, се мереше со „излекувани Тамари“.