Судијката Славица Андреевска денеска ги изрече пресудите за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на РМ на 27 април минатата година.

Кире Ѓорѓиевски 13 години, Андреј Мицов 10 години и шест месеци, Оливер Ошавковски 10 години и шест месеци, Николче Димитриевски 10 години и шест месеци, Александар Јаневски – Тошта 13 години, Никола Војминовски 13 години и шест месеци и Коста Делев 10 години и шест месеци.

Пратеникот Зијадин Села не беше присутен во судницата да ја слушне пресудата.

Виновни се, рече судијката Славица Андреевска и на затворски казни од 10,6 до 13,6 години, ги осуди седумината обвинети за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села.

Според кривичното дело за кое се гонеа, на обвинетите им се закануваа затворски казни од 5 до 15 години.

– Обвинетите со умисла се обиделе од живот да го лишат пратеникот Зијадин Села, рече судијката Андреевска, опишувајќи ја улогата на секој од обвинетите, односно кој го извлекол Села од кругот на останатите пратеници, како и тоа кој го газел и удирал по главата и телото.

Обвинетите смирено ја ислушаа судијката, а само тивко издишување се слушаше од нивните најблиски роднини, кои беа во судница.

Обвинителот Дарко Јакимовски побара обвинетите да останат во притвор, од кои двајца, Војминовски и Јаневски се во куќен притвор.

По признанието на вина, за истото дело, неодамна на обвинетиот на обвинетиот Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од три години, а на Цејо Георгиевски една година и два месеци. Во казната на обвинетите им се пресметува и времето поминато во притвор. Павлевски и Георгиевски треба да ги намират сите трошоци.

Првично во овој случај беа обвинети десетмина, но обвинителот Дарко Јакимовски пред завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.