ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на денешното гласањето на Законот за ратификација на договорот со Грција, затоа што според нив договорот е штетен и претставува кривично дело.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник и се противи на акт со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име. Акт со кој се определува бришење на зборот Македонија, се задира во суштината на идентитетот и се врши трајно осакатување на државотворните белези на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ова не е нешто за што може да се слави. Капитулациите секаде во светот е срамен чин.“, вели секретарот на партијата Игор Јанушев во денешната изјава.

„Објавувањето без потпис е кривично дело кое не застарува. Не ни требаат штетни договори туку реални реформи.“, вели тој.

ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка група одлучија да не присуствуваат на денешната седница каде се носи како што велат незаконски и неуставен договор кој преставува деградирање на македонските граѓани и е во спротивност со највисоките државни и национални интереси.

Јанушев предупреди дека објавувањето на овој договор без потпис на претседателот е кривично дело кое не застарува и за кое се одговара. Таквиот евентуален чин ќе преставува продолжување на грубата пракса на кршење на процедурите и законите се со цел озаканување на нешто што не е законско.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ очекува овој противуставен акт да не биде потпишан од страна на Претседателот на државата бидејќи негова прва должност е заштита на државните интереси и заштита на Уставот на Република Македонија.