Претседателот Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, денеска ќе присуствува на церемонијата на крунисување на британскиот крал Чарлс Трети.

На церемонијата на крунисување најавени се повеќе од 2.200 гости меѓу кои шефови на држави, познати имиња и хуманитарни организации од 203 земји, како и членови на кралското семејство.

Велика Британија не испратила покани за церемонијата на крунисување на кралот Чарлс до лидерите на Русија, Белорусија, Иран, Мјанмар, Сирија, Авганистан и Венецуела, изјави за локални медиуми неименуван извор.

На крунисувањето биле поканети шефови на држави со кои Лондон има целосни дипломатски односи, како и претставници на британските региони и прекуокеанските територии.

За Северна Кореја и Никарагва, поканите биле испратени до високи дипломати, а не до шефови на држави.