Претседателот на државата Стево Пендаровски во придружба на сопругата Елизабета Ѓоргиевска,  престојува во еднодневна работна посета на Албанија, во општините Пустец и Поградец.

Тоа е една од обврските на шефот на државата, да се грижи и за македонското малцинство во соседните и други земји. Ако е ова добар пример на Пендаровски, треба да го продолжи и да ги посети и Македонците во Бугарија, како и Македонците во Грција, двете членки на ЕУ, каде што, по дефиниција, се остварени и се на највисок степен правата и слободата на луѓето. Но…

Пендаровски во Пустец  е пречекан од неговиот албански колега Бајрам Бегај и градоначалникот Пали Колефски.

Шефот на државата  присуствуваше на културно-уметничка програма во изведба на уметници од Пустец, по што оствари средба со локалните власти и ја посети  црквата Св.„Архангел Михаил“.

Во агендата е и посета на училиштето во оваа општина по што се најавени изјави за медиуми од двајцата претседатели.

Пендаровски ќе го посети и селото Голомбок и ќе се сретне со претставници на Здружението на Македонците од Албанија „Сонце“, а подоцна ќе замине во Поградец каде исто така ќе има средба со локалните власти.

Инаку, во последно време, со издавање бугарски пасоши и други инструменти, Бугарија врши силен притисок, освен врз Македонците во Македонија и врз Македонците во Албанија и во Косово, за нивна бугаризација.