Специјалниот претставник на американскиот претседател Џо Бајден за Северна Кореја, Сунг Ким изјави денеска дека е подготвен да се сретне со своите севернокорејски колеги „каде било и во кое било време“.

Тој ја даде изјавата во Сеул, каде разговара со јужнокорејски официјални претставници во врска со застојот во нуклеарните преговори со Пјонгјанг.

Претставникот на Бајден е во посета на Сеул во момент на се помали очекувања за брзо продолжување на преговорите и новите тензии поради тековните воени вежби на САД и Јужна Кореја.

Ким повтори дека администрацијата на Бајден нема непријателски намери кон Северна Кореја, а заедничките маневри се рутински и од одбранбена природа.

Покрај разговорите со високи јужнокорејски претставници, Ким треба да оствари средба во Сеул и со заменик министерот за надворешни работи на Русија, Игор Моргулов, кој исто така се наоѓа во посета на Јужна Кореја.