Турција во првите шест месеци од годинава остварила приходи од туризмот во износ од 25,746 милијарди долари, што е речиси на нивото од истиот период лани и покрај благиот пад на бројот на странски посетители поради регионалните геополитички тензии – изјави денеска турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
Toj посочи дека од јануари до јуни Турција ја посетиле 25.759 милиони туристи, што е за 2,4 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Најголем број посетители пристигнале од Русија – 2,65 милиони, Германија – 2,44 милиони и Обединетото Кралство – 1,58 милион.
Според министерот, просечната должина на престојот се зголемила од 9,96 на 10,01 ноќевања, а просечната потрошувачка од посетител пораснала од 106 на 109 долари.
Ерсој оцени дека конфликтите на Блискиот Исток, вклучително и тензиите меѓу Иран, Израел и САД, негативно влијаеле врз меѓународниот туризам, но изрази очекување дека секторот повторно ќе бележи раст веќе во третиот квартал благодарение на интензивните промотивни кампањи и мерките за поддршка од државата.
Тој потсети дека турската влада обезбедила пакет-поддршка за туристичкиот сектор во вредност од речиси 1,1 милијарда евра преку кредити, дополнителни 110 милиони евра за субвенционирање на вработените во туризмот, како и привремено намалување на данокот за сместување еден процент до крајот на годината.




