Британските медиуми доцна вечерва (недела) објавија дека е пронајден авионот во кој беше фудбалерот Емилијано Сала и пилотот Дејвид Иботсон, кој исчезна на 21 минатиот месец.

Авионот на 21 јануари се сруши во Ла Манш, а Сала исчезна по штотуку потпишаниот договор за Кардиф Сити. Аргентинецот таа вечер патуваше за Велс, откако отиде во Нант да се опрости со довчерашните соиграчи и пријатели.

Денеска (недела) и официјално почна приватната подводна потрага за исчезнатите, и тоа откако беа донирани преку 350 илјади евра, бидејќи властите ја прекинаа официјалната потрага на 24 јануари.

Семејството на Сала го ангажира Дејвид Мејрнс да ги пронајде, а до остатоците од леталото стигнал денеска, кога на 24 милји северно од Гвернсеј на радарот воочил траги кои го навеле на заклучокот дека тука се остатоците од авионот Пејпер малибу.

Тој на семејството Сала им ја јавил веста, но поради почит не сакал повеќе да зборува за детали за медиумите.