Струмичката полиција вчера во 10 часот го привела И.С. (37) од Кавадарци осомничен за сторени повеќе кривични дела тешки кражби и тешки кражби во обид во станови во повеќе градови во државата, како и кривично дело убиство во обид.

И.С., изјави денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски, ги извршил сите овие дела во периодот  од мај до септември во повеќе градови од државата.

– Вкупно 127 кривични дела од кои 110 тешки кражби, 15 тешки кражби во обид, една кражба и една разбојничка кражба. Делата се извршени на ист начин со кршење на цилиндри на брави од влезните врати, влегувал во станови и најчесто одземал пари и златен накит, но и други предмети, појасни портпаролот на МВР.

При извршен личен претрес кај И.С. биле пронајдени и одземени мобилен телефон, клучеви и фолии за отворање блиндер врати, француски клуч за кршење цилиндер брави, пари и други предмети.

Ангеловски информира дека кавадарчанецот се сомничи и за убиство во обид.

Полициската станица Кавадарци поднела кривична пријава против И.С. поради основано сомнение дека сторил кривично дело убиство во обид.

– И.С. на 6 јуни 2018 околу 11 часот по телефон и се јавил на неговата пријателка Р.А. која била во село Сопот и со такси-возило ја земал и ја однел во село Бегниште. Кога заминале кон гробиштата во селото Р.А. му кажала дека е бремена по што И.С. извадил нож и ја прободел во стомакот, појасни портпаролот во МВР.

Во текот на денот И.С. ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Судот во Велес.