Руските сили денеска во 10 часот по московско време ќе го прекинат огнот за да овозможат хуманитарни коридори од украинските градови Мариупол и Волноваха, соопшти руското Министерство за одбрана.

Русија и Украина на разговорите во четвртокот се согласија дека треба да се воспостават хуманитарни коридори и прекин на огнот.

Мариупол, стратешко пристаниште во источна Украина, е под опсада и блокада и трпи немилосрдни напади од руските сили, изјави денеска градоначалникот на овој приморски град, Вадим Боиченко, на десеттиот ден од руската инвазија.

За викендов е договорена третата рунда преговори меѓу руската и украинската страна.

„Веќе пет дена нашиот град, нашите семејства и половина милион жители се под немилосрдни напади“, напиша на Телеграм градоначалникот Боиченко, притоа повика и на продолжување на отпорот на неговите сограѓани и украинските сили.

Во градот нема струја и вода, а властите велат дека не можат да ги евакуираат ранетите, а ситуацијата многумина ја споредуваат со опсадата на Ленинград во Втората светска војна.