Угледната италијанска меѓународна награда што го носи името на славниот италијански поет и хуманист Франческо Петрарка му е доделена на поетот и академик Ристо Василевски за неговиот голем придонес во светската поезија.
Вчера беа соопштени имињата на годинашните добитници на угледната меѓународна награда „Франческо Петрарка”, односно на лауреатите на Меѓународниот книжевен и уметнички фестивал, што секоја година наизменично се одржува во Италија, Германија и Украина.
Меѓу добитниците на ова големо признание за голем придонес во поезијата, покрај Василевски, се наоѓаат и академик Раул Чилачава, угледен грузиски и украински поет, универзитетски професор и дипломат, Михас Пазњаков (Белорусија), Миќо Цветиќ (Србија) и Паул Полидор (Романија), а за голем придонес во областа на прозната уметност наградата ја доби светски познатиот писател Роланд Сеисенбаев (Казахстан).
Годинашен организатор на Меѓународниот книжевен и уметнички фестивал беше Меѓународната академија „ЛИК” (Германија), која обединува автори и дејци од областа на литературата, уметноста и комуникациите од разни земји. На чело на овој фестивал се наоѓа поетесата, раскажувач и ликовен критичар Олена Ананиева.