Општина Маврово и Ростуше продолжува со инфраструктурната „офанзива” со цел создавање што подобри услови за жителите и туристите, кои се сѐ побројни.

-Согласно програмските определби, на терен интензивно се работи на поплочување, санација, проширување и реконструкција на локалните патишта и улици во неколку населени места, меѓу кои Битуше, Скудриње и Жировница, рече за МИА, Фикрет Ибраими, одговорен во секторот за информирање.

Според него, во исто време, се врши уредување на локациите каде што се поставени контејнерите за собирање смет и друг комунален отпад, со цел подобра хигиена и поуредена животна средина.

– Во тие рамки Јавното претпријатие за комунална дејност спроведе акција за собирање и отстранување на кабаст отпад и шут оставен покрај контејнерите во Маврово, Никифорово и Леуново. Ваквите активности продолжуваат, нагласува Ибраими.

Посочува дека локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи со исто темпо и посветеност да ги решава секојдневните предизвици и проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, обезбедувајќи подобри услови за живот за сите.