Општина Карпош денеска организираше „Отворен ден“, на кој граѓаните имаа можност непосредно да се сретнат и разговараат со градоначалникот Сотир Лукровски, како и со раководителите на општинските сектори.
Настанот беше организиран со цел да овозможи директна комуникација со жителите од Карпош, да се слушнат нивните предлози, проблеми и барања, како и да се разговара за прашања од секојдневното функционирање во локалната заедница. Во текот на „Отворениот ден“, повеќе од 100 граѓаните поставуваа прашања поврзани со комуналната инфраструктура, урбанизмот, инспекцијата, јавната хигиена, урбаната опрема, зеленилото и други прашања од локално значење.
Градоначалникот Лукровски истакна дека непосредната комуникација со граѓаните претставува еден од најважните принципи во работењето на општината.
-Отворениот ден е можност секој граѓанин директно да ги сподели своите идеи, предлози и проблеми. Ние сме тука да ги слушнеме, разговараме и заеднички да најдеме соодветно решение. Комуникацијата и соработката со граѓаните за нас претставува врвен приоритет и е клучна во донесувањето на локалните политики и одлуки, истакна Лукровски.
Денешниот настан го обележа силен одзив од страна на карпошани, а воедно и исклучителна ангажираност и посветеност на општинските служби.
Општина Карпош ќе продолжи со организирање вакви средби и во наредниот период, со цел да ја зајакне и унапреди комуникацијата со граѓаните и да обезбеди активно учество на јавноста во процесот на креирање на локални политики и развој на општината.




