Во мај годинава во општина Карпош треба да почне изградбата на спортско-адреналински парк на три нивоа кој ќе се протега на површина од 1.600 метри квадратни.

Планирано е да се реконструира и детското игралиште на површина од 480 м2, скејт-паркот на 1.100 м2, а ќе биде изградено и ново игралиште за одбојка и фудбал на песок.

Предвидено е просторот да биде и хортикултурно уреден со повеќе од 100 дрвја, да биде поставена нова урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци и лежалки за релаксација. Ќе се гради и плато за одмор со мини сквер, а во околината ќе се постават тоалети и четири дрвени куќички за продажба на безалкохолни пијалоци. Просторот ќе биде осветлен со ЛЕД- светилки со соларни панели.

Проектот е финансиран од Европската Унија, а имплементатор е Светската банка и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како дел од проектот за локална и регионална конкурентност. Европската унија ќе покрие 87 проценти од вкупната вредност на проектот, односно ќе даде 47.238.993 денари, а од општинскиот буџет се обезбедени останатите 7.342.832 денари.

Општината денеска организираше јавна расправа за проектот на која присуствуваа претставници од локалната самоуправа, граѓанскиот и бизнис секторот и заинтересирани граѓани. Од стручните служби на општината беше презентиран проектот, неговите технички аспекти и стандардите што треба да се применат за да се заштити животната средина.