Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на друга држава, изјави на денешната прес конференција портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски.

Тој ваков одговор даде на прашањето „на каков јазик зборуваат роднините на Македонците во Егејска Македонија“.

– Постои одредена категорија население во Република Грција која не зборува на грчки и која говори на друг јазик. Но, не сме ние тие што ќе определуваме кој на каков јазик зборувал. Тоа ќе биде мешање во внатрешните работи на друга држава, рече Бошњаковски.

Ваквата изјава да се избегне одговор на директно прашање за македонскиот јазик предизвика револт на социјалните мрежи. Токму Владата која ја претставува Бошњаковски ги уверуваше Македонците и останатите граѓани на Македонија дека со Преспанскиот договор се бетонира идентитетот на Македонците.