Во приватна куќа во скопската населба Тафталиџе денеска беше пуштена во употреба првата мала фотоволтаична централа со што беше промовиран системот наменет за домаќинствата и компаниите.

Фотоволтаичната централа е монтирана на покривот, а сопственикот се надева сопственото производство на стрија преку соларна енергија ќе му овозможи заштеда во домашниот буџет.

Како што рече премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на промоцијата, ова е доказ дека новиот Закон за енергетика веќе ги дава првите резултати.

– Целта е домаќинствата и фирмите сами да произведуваат електрична енергија, а вишоците струја да ги продаваат на слободниот пазар, да го намалиме увозот и да го зголемиме производството, да се намалат трошоците на граѓаните и компаниите, а стопанството да стане поконкурентно, истакна Заев.

Тој порача дека Македонија треба да го искористи потенцијалот –  огромниот број сончеви денови, особено зашто сончевата енергија е еколошки чиста, но и неисцрпна. Тој огромен извор на енергија со заедничка работа и влог мора да направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст, истакна Заев.

Сашо Стојковски од Управниот одбор на ЕВН ги поздрави напорите на Владата, за, како што рече, поголемо искористување на обновливите извори на енергија.

– ЕВН има најмногу капацитет и знаење да ги импелемнтира сите трендови во енергетскиот сектор. Имаме врвни експерти кои може да понудат индивидуални решенија за сите заинтересирани физички и правни лица, истакна Стојковски.

Објасни дека инвестицијата во фотоволтаични централи зависи од карактеристиките на објектот, потрошувачката и бараната моќност.

Се надоврза премиерот Заев со напомена дека државата ќе изнаоѓа начини како да ги поттикне, посебно домаќинствата, на инсталирање вакви системи.