Една година локална власт во Општина Бутел е период во кој се реализирани бројни инфраструктурни и капитални проекти, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека резултатите се видливи низ повеќе делови од општината.
Според соопштението на партијата, во изминатиот период започнала реализацијата на водоводниот систем во Љубанци и Љуботен, додека е завршено и новото училиште во Визбегово, проект вреден 106 милиони денари.
Паралелно, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, изградена е надградбата на ООУ „Ацо Шопов“, започнала изградбата на затворен базен, а реализирани се и проекти поврзани со детската и спортската инфраструктура.
Од партијата посочуваат дека се изградени две нови детски градинки, пет спортско-рекреативни центри и повеќе од 30 спортски и детски игралишта.
Во соопштението се наведува и дека е уредено речното корито на Серава во должина од 1.800 метри, Радишани добиле нов парк и плоштад, а во тек е изградбата на нов мега-парк на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“. Воедно, се работи и на пешачка патека покрај Серава и два нови моста.
ВМРО-ДПМНЕ потсетува и на реконструкциите и асфалтирањата на улици реализирани во изминатите пет години, при што нагласува дека активностите во општината продолжуваат.
Од партијата најавуваат и нов пакет проекти за наредниот период. Меѓу нив се изградба на нова модерна поликлиника, секундарна водоводна мрежа во Љубанци и Љуботен, како и доградба на ООУ „Панајот Гиновски“.
Планирана е и изградба на нова градинка во Визбегово, дополнителни спортски центри и дом на културата. Во план се и активности за воспоставување видеонадзор на јавните површини.
„Една година е само почеток. Бутел се гради, се развива и се менува со конкретни проекти и уште посилно темпо во периодот што следува“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.




