Италијанскиот професор Матео Басети од Универзитетот во Џенова, стручњак во областа на антибиотиците, инфекциите кај критично болни пациенти и тие со слаб имунитет, за Санди телеграф изјави дека коронавирусот веќе не е така опасен како што беше претходно.

– Вирусот порано беше како агресивен тигар. Сега е како дива мачка, изјави Басети.

Тој вели дека вирусот ослабнал сам од себе и дека може да угине без воопшто да биде третиран со вакцина. Други стручњаци не се согласуваат со Басети, а некои и го критикуваа поради претеран оптимизам.

– Се однесуваше како агресивен тигар во март и април, но сега е како дива мачка. Дури и постари пациенти, 80 и 90-годишни, седат исправени во болничките кревети и самостојно дишат. Претходно тие пациенти би умреле за два-три дена. Мој клинички впечаток е дека вирусот се променува според интензитетот. Примероците на однесувањето на вирусот што го воочувавме во март и почетокот на април потполно се различни. Луѓето во итните приеми доаѓаа со болест која тешко се контролираше и им беше неопходен кислород и респиратори, а некои дури развиваа и воспаление на белите дробови. Сликата во последните четири недели целосно е променета, вели Басети.

Италијанскиот професор рече дека постојат неколку причини за слабеење на вирусот. На пример, можно е луѓето поради карантинот да се заразат со помала доза од вирусот, ако воопшто и се заразат.

– Во респираторниот тракт може да има помала количина вирус, веројатно поради генетската мутација на вирусот, која се уште не е прикажана на научен начин, додава професорот Басети.

Ивнинг стандард пишува дека Басети и порано на сличен начин говорел за вирусот. На почетокот на јуни рекол дека вирусот ја изгубил силата која ја имал пред два месеца, односно на почетокот на април. Други експерти силно се спротивставија на овие тврдења на Басети, а некои дури ги окарактеризираа како опасни бидејќи на луѓето може да им дадат лажно чувство на сигурност.

– Овие тврдења не може да се поткрепат со научна литература, а од перспектива на генетиката изгледаат неверојатни. Опасно е да се говорат такви работи врз основа на анегдотални опсервации на брисеви. Иако е можно вирусот да ослабнал поради мутација, тоа не е нешто што треба да очекуваме, а било какви тврдења кои би оделе во таа насока мора да се потврдат на системски начин. Никој не би требало беспотребно да ја намалува опасноста на овој многу заразен вирус, барем не без многу посериозни докази, вели д-р Оскар МекЛиен од шкотскиот Универзитет во Глазгов.

Слично тврди и д-р Ангела Расмусен од Универзитетот Колумбија во САД:

– Нема докази дека вирусот било каде ја изгубил својата потенција, вели Расмунсен.